За ОриКами

Д-р Камелија Симеонова е специјалист по детска и адолесцентна психијатрија и докторантка во завршна фаза на докторските студии. Основачка и сопственичка е на „Ориками“ – центар за психолошко советување.
Медицинскиот факултет и специјализацијата ги завршува на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работното искуство во областа го започнува на Клиниката за психијатрија во Скопје, по што продолжува да работи во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Паралелно го надградува своето образование во областа на психотерапијата, започнувајќи на Институтот „Алтернатива“ – акредитиран од EFTA/EAP, каде што се стекнува со сертификат за семеен и системски советник. Професионалниот развој го продолжува преку обуки за Cognitive Behavioral Therapy (CBT), Dialectical Behavior
Therapy (DBT) и Self-Injury Training на Институтот „Бек“ во Пенсилванија, САД.

Во тешките мигови за време на пандемијата на ковид-19, активно се вклучува во СОС-линијата за поддршка на менталното здравје на граѓаните. Во 2023 година се приклучува на FLOURISH – Програма за адолесцентно и целоживотно здравје со фокус на семејството при Институтот „Алтернатива“.
Во 2024 година учествува во програмата „Учам за моето здравје“, проект за промоција на менталното здравје во организација на Светската здравствена организација (СЗО). Истата година активно придонесува во изработката на Прирачник за стандарди и квалитет на менталното здравје на деца и адолесценти при Европската школа на СЗО – Атина. Во 2025 година учествува на Четвртиот светски самит за педијатрија и ментално здравје кај деца во Дубаи (ОАЕ), каде што ја истакнува суштината на живеењето во функционално семејство.
Нејзината професионална мисија, низ бројни јавни настапи и ангажмани, има една единствена цел – да им помогне на семејствата да останат поврзани, стабилни и свесни во процесот на растење и промена.
„Силата е во оние кои умеат да се преклопат – без да се скршат. Во секој преклоп се роди нова убавина и длабочина.“
ОриKами – Моето име, мојата филозофија

Нè учат дека силата значи исправеност, отпорност, недопирливост. Но вистината е поинаква. Силата е во оние кои умеат да се преклопат – без да се скршат. Во оние што се свиткуваат под тежината на обврските, љубовите и стравовите, а сепак, во секој нов преклоп, создаваат поубава форма од претходната. Како лист хартија што минува низ болка и притисок, човекот учи дека секој преклоп не е слабост – туку преобразба. Секој преклоп носи нова длабочина, нова перспектива, нова убавина.

„ОриKами“ во него живее моето име. Имено, во јапонскиот јазик, „ori“ значи преклопување, а „kami“ – хартија, но и дух – нешто што не се крши. Меѓу тие два збора се роди оваа мисла: од хартија што трпи и дух што не се предава. Во тие два збора го најдов човекот – делот што се преклопува и делот што останува горе. Оној што не заборава на светлината, дури ни кога е свиткан. А кога ќе ги погледнеш сите преклопи, ќе сфатиш дека токму оние што оставиле трага, ја претвориле хартијата – во форма. И човекот – во целина.
Д-р Камелија Симеонова
Искуства на нашите клиенти
"Има голема промена во однесувањето со многу ретки испади и многу поголема редовност во школо."
"Оваа недела е топ. Многу расположена, многу активна со супер однесување. Многу сум среќна!"
"Поминаа три недели откако ве видов и навистина има промени во нејзиното однесување. Следам се што ми кажавте и пофалбите навистина работат."


