Почетокот на учебната година

Почетокот на учебната година не е само рутинска промена во распоредот кај најмладите– тоа е емоционален настан за секое дете. Особено кај првачињата, но и кај поголемите ученици, преминот од летната слобода во училишниот ритам може да предизвика низа на промени од типот на соматоформни поплаки, антиципирачка анксиозност или бихејвиорални потешкотии кои нè биле вообичаени изминатиот период.
Овие реакции не се знак дека нешто не е во ред – туку знак дека детето се обидува да се прилагоди. Како родители, нашата улога не е да го корегираме секое негативно чувство на нашето дете, туку да бидеме емоционално присутни, трпеливи и отворени за разговор.
Адаптацијата е процес – не се случува за еден ден!
Повеќето деца имаат потреба од 2 до 4 недели за да се прилагодат на новите правила, ритам и обврски. Во тој период треба да бидеме целосно отворени да ги прифатиме поплаките, отпорот и сите тешкотии кои ке ги манифестира нашето дете, тоа е нивен начин да ни кажат: „Ми треба време.“
Она што им помага најмногу не е лутањето по совршено родителство или совршено дете, туку охрабрувачки збор, прифакање независно од успехот. “Така ги учиме децата дека ги сакаме независно од нивните постигнувања, што значајно ја намалува нивната акнсиозност”
Сон, рутина и простор за игра – основа за ментално здравје
Во текот на учебната година, се препорачува децата да имаат:
-Доволно сон (9–11 часа, според возраста)
-Утрински ритуал што не почнува со брзање
-Време за слободна игра секој ден – неструктурирана, без притисок
(Која развива креативна интроспекција)
Игратa не е само забава – таа е начин на кој детето се регенерира, го преработува доживеаното и гради внатрешна сила.
Што ако детето покажува знаци на анксиозност или отпор?
Важно е да не го минимизираме неговото чувство. Наместо:
-Нема од што да се плашиш“,
кажете:
-Разбирам дека ова е тешко за тебе, секој почеток носи предизвици, тука сум заедно да го надминеме ова полесно.“
Ако симптомите траат подолго од неколку недели, значително го попречуваат секојдневието, или ако детето покажува повлекување, агресија или чести психосоматски тегоби – побарајте помош. Рекордни 75 % од потешкотиите во адултниот период имаат етиологија во детството. Помогнете на вашето дете да постане функционален возрасен. Барањето стручна помош не е знак на слабост, туку на одговорност.
